Тиквеш убедливо го доби Куманово, по три кола во Суперлигата три екипи со максимални бодови!

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Вчера се комплетираше третото коло од ракометната Суперлига откако во Кавадарци се одигра мечот меѓу Тиквеш и Куманово кој заврши со висок и убедлив триумф на кавадарчани со резултат од 36:25.

Четири ракометари на Тиквеш постигнаа по пет погодоци, Ани, Коцев, Кофиловски и Лазов, додека пак кај Гостинот најдобри со по пет погодоци беа Димевски и Каио Винициус.

Во однос на табелата на врвот е шампионот Еуфорарм Пелистер со максимални шест бодови, а исто толку бодови имаат Охрид кој е втор и Алкалоид кој е трет.

Вардар со четири бодови е на четвротот место, Тиквеш и Прилеп го делат петтото место со по три бодови. Бутел, Пролет, Струга и Бисинов имаат по два бодови.

По три одиграни кола Куманово и Радовиш и понатаму немаат освоени бодови.

Како што веќе информираше М Нет веќе утре ќе биде отворено 4. коло со мечот меѓу Алкалоид и Прилеп во Автокоманда, во сабота Пролет ќе игра со Бисинов, Куманово против Струга, дербито се игра во СЦ „Јане Сандански“ меѓу Вардар и шампионот Еурофарм Пелистер, Охрид ќе биде домаќин на Тиквеш.

Колото ќе биде затворено во недела со мечот меѓу Радовиш и Бутел.

Александар Ванев, М-Нет