Митевски со 15 гола во мрежата на Текстилец, штипските ракометари сезоната ја започнаа со пораз од Вардар Неготино

Со натпреварите од првото воведно коло започна новата сезона во Првата ракометна лига, а на стартот од истата штипски Текстилец загуби на гостувањето во Неготино, каде беше поразен со 34:31 од ланскиот суперлигаш Вардар Неготино.

На почетокот од мечот се играше гол за гол кога домашниот тим при 11:8 дојде до плус три и потоа во текот на целиот меч одржуваше разлика од неколку погодоци, за на крајот конечните исход да биде 34:31.

Во редовите на Вардар Неготино и на самата средба најдобар стрелец беше Мирослав Митевски со 15 погодоци, а пак Костадин Петров имаше девет погодоци. Кај штипјани со по шест погодоци најдобри беа Филип Џинес и Филип Савев.

Во следното коло Текстилец на домашен терен против Преспа Вардар од Ресен ќе ги бара првите бодови, а пак Вардар Неготино ќе гостува кај екипата на Скопје, практично тоа ќе биде дуел на двата лански суперлигаши.

Александар Ванев, М-Нет