
Започна темелната реконструкција на улицата „11 Октомври“ во месноста Бело Брдо во Штип. Најпрво ќе се работи на промена на водоводната и канализациона мрежа, а потоа реконструкција на тротоарите и асфалтирање на улицата. Градоначалникот, Иван Јорданов посочи дека освен оваа ќе се реконструираат и останатите улици како „Еврејска“ и „Христијан Карпош“. За комплетна реконструкција на оваа улица општината издвои 3 милиони денари.
„Овде започнуваме со темелна реконструкција на оваа улица, најпрво променана водводона и канализациона мрежа. Целосната реконструкција ќе ги опфати и тротоарите и коловозната лента со вадење на постоечката коцка и калдрма и нанесување на асфалтен слој. Сакам да најавам дека освен оваа улица во месноста Бело Брдо ќе бидат опфатени многу други улици. Ќе се реконструираат тротоарите на улицата Еврејска, Христијан Карпош целосна промена на водоводна и канализациона мрежа“ – вели Јорданов.
Освен оваа улица по повеќе од четири децении ќе се реконструираат темелно неколку улици и во населба Леваци. Јорданов посочи дека со инвестиција повеќе од 50 милиони денари темелно нов изглед ќе добијат улиците во месноста Бело Брдо и населба Леваци. Ќе се работи и на водоводната и канализациона мрежа.
„Улиците во населба Леваци оваа пролет ќе започнат со целосна и темелна реконструкција со промена на подземната инфраструктура, со промена на тротоарски површини и асфалтирање. Повеќе од 50 милиони денари ќе бидат вложени во месноста Бело Брдо и во населбата Леваци.“ – додава Јорданов.
Дека е потребна промена сведочат и граѓаните кои живеат на оваа улица. Велат промена на досегашната коцка и промена на водоводната и канализациона мрежа чекаат повеќе од 40 години.
Дел од активностите на терен започнаа, друг дел се очекува да почнат напролет со подобрување на временски услови. На таков начин се инвестира во секоја штипска населба, дециден е Јорданов и се подобруваат условите за живот на граѓаните.
Лаура Стојанова М-Нет