Стојанче Ангелов од денес новиот в.д директор на ДЗС, Мухамед Аљи на ЦУК

Стојаче Ангелов ја предаде директорската функција од ЦУК на Мухамед Аљи и од денеска е новиот в.д директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Како што се вели во неговото соопштение, промената е по претходен договор со претседателот на владата Христијан Мицкоски. Ангелов вели дека дирекцијата за заштита и спасување ја затекнува во лоша ситуација и истата подолго време се наоѓа во агонија со недостаток на пилоти, проблеми со сервисот, без потпишани договори со тимови за брз одговор, како и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Дополнително посочува дека некој од тимовите немаат опрема, како и обука и физичка подготвеност.

,,По претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, разрешен сум од позицијата директор на Центарот за управување со кризи. Од денес сум в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност. Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.“, рече Ангелов

Оваа дирекција, како што вели Ангелов ќе се разгледува детално одвнатре се со цел да се детектираат многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно одстранети.

,,Како директор, ќе можам детално одвнатре да ја разгледам Дирекцијата за заштита и спасување, внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал и дополнително да ги детектирам многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција.“, додава Ангелов

Инаку, Стојанче Ангелов беше директор на цук од 2021 до денес, а од сега со голем мотив за работа продолжува во дирекцијата за заштита и спасување. Тој воедно на новиот директор за ЦУК Мухамед Аљи посака добро здравје и успешна работа.

Иван Митев, М-Нет