
Проблемот со кучињата скитници во Штип е недостаток кој се провлекува со години. Често пати сликата во централното градско подрачје, но и во останатите населби во градот под Исарот е глутница кучиња по улиците. Од една страна опасност за граѓаните, од друга страна не хумано третирање на животните. И во билтенот на СВР Штип често пати може да се забележи пријава од граѓани кои се каснати од куче. Според последните информации кучињата скитници во последните години беа третирани од Ветеринарната станица, додека договорот да се прекине. Стационарот е затворен, што значи грижата за кучињата е оставена на граѓански активистисти и здруженија кој ги згрижуваат истите. Од здружението за заштита на животните Живот Штип во писмено соопштение истакнаа дека сведоци за нехуманото третирање на животните се сите граѓани.
„И ние, а и многубројни граѓани се сведоци на приливот на кучиња, најчесто исфрлени од црвен и бел пикап во населбите Баби, Свиногојство, Пребег, Сењак, Суитлак и кај градските гробишта од страна на камионите со кои пазарџиите доаѓаат да продаваат а градскиот пазар. Пред неполн месец, во центарот на градот имаше глутница од десетина кучиња на мостот. Граѓански активисти за права на животните собраа осум кучиња. После само една недела повторно ја имаа таа бројка нови кучиња на истиот дел од градот. Ова е само еден од многуте вакви случаи во последните години“ – напишаа од здружението.
Според нив единствен начин да се реши овој проблем со бездомните кучиња е спречување на приливот на кучиња, задолжително чипирање на домашните миленици, проработување на Законот за заштита на бездомните кучиња, измена на понудата според која се пушта тендерот и избирање на одговорен оператор.
Како општина ќе го реши проблемот со бездомните кучиња, како ќе се спречи приливот на нови кучиња, но и до каде е тендерот за нов оператор го прашавме градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
„Во наредниот период во комуникација и соработка со здруженијата за заштита на животните, ни и со други граѓански организации и со заинтересираните оператори кои што ќе добијат понуда од страна на Општина Штип за заловување, третирање и вдомување на кучиња скитници ќе го решаваме овој проблем. Еве, во оваа фаза сме во моментална комуникација со здруженијата. Некаде во текот на наредниот месец ќе има јавен повик за нов оператор кој ќе ги третира бездомните кучиња. Стационарот не може да се стави во функција затоа што затоа што условите не се исполнети“ – кажа Јорданов.
Во претходните две ипол години бездомните кучиња беа третирани од Ветеринарната станица Штип, која беше единствена пријавена на тендерот. Претходно како што истакнаа од здружението по сомнително ниска цена тендерот беше доделен на Ветеринарна станица Тодор Велков од Куманово.
Лаура Стојанова М-Нет