
Преполната сала на Домот на култура во Штип вчеравечер со внимание ги следеше мелодиите исполнети од учениците и професорите од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“. Традиционалниот новогодишен концерт повторно блесна во своето добропознато уникатно руво, а квалитетот ги потврди очекувањата на штипјани, кои брзаа час поскоро да купат билети за влез. Присутните ги поздрави директорот, Горан Кавраков, кој рече дека резултатите се постигнуваат со континуитет во работата, нешто за што се одговорни многу наставници.
„Долгогодишната работа и труд на нашите наставници и ученици токму овде доаѓа до израз. Овде, на оваа сцена пред вас, тие го покажуваат својот талент и труд. Сето ова без вас не би било возможно да се случи. Вработените во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ и нашите ученици се пример за тоа како треба да функционира која било институција во нашава држава. Станува збор за заедништво и тимска работа“, рече Кавраков.
Големиот број професори и ученици концертот го надградуваат од година во година, а и годинава се одржуваше во два термина, од 17:00 и од 20:00 часот, но со иста тежина. Билетите за вториот концерт се распродадоа за рекордни два часа, а и по концертот бројните присутни не ги криеа импресиите на социјалните мрежи.
Концертот на христијанскиот празник Бадник традиционално ќе се емитува на Телевизија М-Нет.
Ребека Спасова М-Нет