
Фурна „Филитеа“ е новото угостителско место за пици и пастрмајлии во Штип. Ова е втор дуќан на компанијата која доаѓа од Кочани, а каде имале голем број купувачи од Штип. Тоа е и причината што сега се наоѓаат поблиску до купувачите, во градот под Исарот. За отворањето се подготвени повеќе видови пица и пастрмајлија, кои се дел од богата понуда на Фурна „Филитеа“.
„Ние имаме стандард пица како што има и секаде, а од пастрмалии може да понудиме штипска пастрмалија, кочанска пастрмалија, да речеме, пастрмалија со вкус на кари и селска пастрамалија каде месото е завиткано во буковка и со сирење одозгора. Тоа се некои различни вкусови, сакаме да експериментираме, кулинарството, нели, нема граници, така што, можеби, понатаму и нешто друго ќе излезе“, посочува Николов.
Приказната на компанијата во Кочани се пишува само две – три години, но веќе зад себе има бројни успеси. Николов вели дека е тешко да се каже колкава е бројката на подготвени пици и пастрамајлии на годишно ниво, но само на дневно ниво се подготвуваат 200 пици. Како дошло до идеја да се отвори Фурна „Филитеа“ во Кочани.
„Јас живеев и работев 18 години во Швајцарија. Таму спонтано ме пријавија од ресторанот на натпревар за најдобар пица мајстор, зедов прва награда за највкусна пица во конкуренција од 174 ресторани. Откога се вратив во Кочани, прво што ни беше е да си отворам свој ресторан оти и мојата сопруга е дипломиран угостител“, вели Николов.
Но кој е рецептот за бројните купувачи и успешниот резултат за кратко време?
„Јас лично сум присутен цело време, јас ја обожавам таа работа. Човек пред сѐ треба да биде еснаф кон купувачите, а од друга страна да се има желба за кулинарство“, додава Николов.
Со угостителското место на добра локација сопствениците очекуваат да ги потврдат своите квалитети. Планот е компанијата да има ланец на дуќани, а следни можни дестинации би биле Струмица и Гевгелија, прво во Источна Македонија, а потоа и во Скопје и останатиот дел од државата.
Ребека Спасова М-Нет