СОУ „Кочо Рацин“ во Свети Николе со подобри услови за средношколците

Се реконструираат училишната зграда и ученичкиот дом во состав на СОУ „Кочо Рацин“ во Свети Николе. Денес Министерката за образование и наука, Мила Царовска, и Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски, го посетија училиштето и беа запознаени со текот на градежните активности.

„Денеска сме овде да погледнеме како тече реконструкцијата на ученичкиот дом и училиштето. Благодарение на МОН и Министерката, Мила Царовска, се одобри проектот за комплетна реконструкција на ученичкиот дом и училиштето во Стручното образование каде што не е правена реконструкција последните 75 години“, изјави м-р Ванче Миленков, директор на СОУ „Кочо Рацин“.

„За да наставата биде квалитетна е многу значајно да учениците имаат услови и за учење, но и за престој на учениците коишто доаѓаат од други градови“, истакна Мила Царовска, Министерка за образование и наука.

„Упатувам благодарност во име на граѓаните на Општина Свети Николе, каде првпат во историјата се вложуваат толку парични средства за реконструкција на еден училишен објект. Се работи за вредност од 25 милиони денари.“, додаде Сашо Велковски, Градоначалник на Општина Свети Николе.

Извршена е реконструкција на кровот, тоалетите и училниците, а и промена на прозорите, вратите, водоводот, канализацијата, парно греењето, интернетот и електричната инсталација. Директорот Велковски истакна дека во текот на летото напорно ќе се работи за во септември училишната година да започне во нови услови. Во ученичкиот дом, пак, намален е капацитетот од 120 ученици на 84 ученици поради просторното зголемување по ученик и новите училници за попладневен престој.

„Сметам дека на тој начин ќе ги поттикнеме учениците да ја видат атрактивноста не само на струките, туку и на учењето во ова училиште. Од друга страна, и наставниците коишто работат во подобри услови, секако, можат да испорачаат повеќе квалитет.“, истакна Царовска.

Инаку, ова училиште е актуелно за средношколците од овој регион и истото располага со три струки: земјоделско – ветеринарна, машинска и хемиско – технолошка, а од оваа година се воведува и прехрамбена струка.

Лаура Стојанова МНет