
Одбојкарките на Младост УГД од Штип со убедлива победа ја затворија 2025 година, откако во последното есенско коло ја добија екипата на Струмица Жени на гостински терен со максимални 0-3 во сетови.
Првиот сет заврши со 18:25, во вториот сет штипските одбојкарки наидоа на сериозен отпор и сетот го добија со 25:27, додека пак во третиот сет Младост УГД со високи 10:25 го доби сетот против Струмица Жени за конечни 0-3.
Како што велат од штипскиот клуб во еден момент имале нестабилна игра, но кога било најпотребно се стабилизирале, одиграле мудро, зрело и дисциплинирано. Од Младост УГД додаваат дека со овој триумф ја покажале нивната зрелост, посветеност, целата работа вложена во тимот во текот на сезоната, притоа надополнија дека се гледа напредокот, дисциплината и енергијата што ја граделе сите заедно.
Со овој натпревар Младост УГД ја заокружи 2025 година, од клубот велат дека се горди на она што го постигнале и со нетрпение ги очекуваат следните предизвици.
Со девет одиграни натпревари во есенскиот дел тимот на Младост УГД ќе презими како четврти со 18 бодови, на врвот е Наковски Волеј со максимални 26 бодови, Работнички Скопје е втор со 20 бодови, а пак на третото место е Газели Волеј со 19 бодови, односно бод повеќе во однос на штипскиот тим.
Александар Ванев, М-Нет