Снежна покривка на фудбалските терени низ Македонија – фудбалерите во снежни услови ја темпираат формата

Фудбалските терени ширум Македонија се под снежна покривка, од снегот кој ја зафати нашата држава изминатите денови. Сепак, снегот не ги спречува фудбалските екипи како од Првата така и од Втората лига да ги продолжат подготовките за пролетниот дел од сезоната. Во снежни услови тренира и третолигашот Шкендија Арачиново.

Иако, програмите за подготовки на тренерите може да претрпат измени, сепак клубовите продолжуваат со континуирани подготовки.

„Иако условите кај нас се тие што се ќе мора да кажам да се експериментира со тренинзите, можеби нешто ќе се промени од програмата бидејќи гледате снегот не дозволува нормален тек на подготовките“, вели тренерот на Башкими, Баже Јанакиевски.

Промени во програмата се мисли на тоа дека дел од екипите комбинираат со подготовки на отворено односно на стадион и во сала, како и на терени со вештачка трева.

Прволигашот Работнички и второлигашот Башкими вчера ги започнаа подготовките, претходно клубовите кои означија старт на подготовките и за време на снежните услови ги продолжуваат подготовките за да ја темпираат потребната форма за вториот дел од сезоната.

За Кожуф кој вчера ги започна подготовките снегот нема да претставува проблем, бидејќи истиот и го нема на Градскиот стадион во Гевгелија.

Веќе од овој викенд ќе бидат одиграни и првите пријателски натпревари, како кај прволигашите така и кај второлигашите. Не се исклучува можноста за промена на терените каде ќе се одиграат и првите пријателски натпревари, ако до викендот не се обезбедат услови за игра на терените кои сега се под снег.

Познато е дека пролетниот дел во Втората лига ќе започне на 15. февруари, а пак пролетниот дел од Првата лига ден подоцна односно на 16. февруари.

Александар Ванев, М-Нет