
Есенскиот шампион во Третата македонска фудбалска лига – Исток, екипата на Слога Виница, зимските подготовки ќе ги започне на 15. јануари.
Главната фаза од подготовките Слога Виница ќе ја одработи во Дојран во период од 27. јануари до 3. февруари.
Тимот предводен од штипскиот стратег Емил Грнев меѓу првите третолигаши ќе ги започне подготовките, а целта е како што рече и Грнев во гостувањето во спортскиот магазин Трибина да имаат доволно време за подготовки, но и да одиграат квалитетни пријателски натпревари со прволигаши и второлигаши, со цел да влезат максимално подготвени во пролениот дел.
Тимот има јасна цел, тоа е потврда на првото место во Трета лига – Исток и обезбедување на баражот преку кој Слога Виница сака враќање во Втората лига.
Договорени се и пријателски натпревари против кои Слога Виница ќе ја проверува формата за пролетните предизвици. Првиот пријателски меч се игра на 25. јануари против Каменица Саса во Виница, на 29. јануари ќе следува тест со Кожуф, меч кој ќе се игра во Дојран, потоа со Вардар Неготино на 1. февруари, исто така во Дојран.
За 8. февруари е договорен пријателски натпревар со Осогово, меч кој ќе се игра во Виница, а на 15. февруари ќе биде тест натпревар со Тетекс во Тетово.
Последно засилување во тимот на Слога Виница е 22-годишниот голман Антонио Столевски, кој доаѓа од второлигашот Победа од Прилеп и кој ќе биде нов чувар на мрежата на тимот на Грнев, за што веќе информираше М Нет телевизија.
Дополнително тимот досега се засили со искусни играчи со прволигашко искуство, но и меѓународно, како Иван Настевски, Тони Мирчевски и Дарко Стојанов кој во пакет пристигнаа од второлигашот Детонит Плачковица, со Филип Николовски од второлигашот Каменица Саса и со Љупче Христовски, кој дојде од редовите на второлигашот Беласица.
Слога Виница има седум бодови предност пред второпласираниот Овче Поле од Свети Николе, а пролетниот дел тимот од Виница го отвара против Малеш од Берово на домашен терен.
Александар Ванев, М-Нет