Сликата со хаварисани возила на паркинг места во Штип ќе биде минато, казни ќе има за сите

Хаварисани возила по улиците во Штип е секојдневна слика. Стари и неупотребливи возила паркирани на обележани паркинг места остануваат на иста локација по подолг временски период, што преставува дополнителен проблем да се најде слободно паркинг места во централното градско подрачје. Граѓаните честопати реагираа за ваквата ситуација на терен, бидејќи како што велат трката по слободно паркинг место е постојана, па повеќе од потребно е да се отстранат старите возила од паркинг местата. Пријавите за ваквите ситуации се до комуналниот инспектор, а потоа се издава решение за сопственикот да го отстрани возилото. Во спротивно дејствува ЈП Стипион.

„Треба да се пријавува кај комуналната служба, комунален инспектор врши увид на терен, врши проценка и му издава опомена на возилото со временски рок кој го има сопственикот за да го отстрани. Ако овој рок не се почитува комуналните служби издаваат решение до ЈП Стипион кои имаат обврска да го отстранат возилото“ – вели Стефановски.

Како што истакна директорот Стефановски, секој прекршок на терен во Штип ќе биде евидентиран и по секој ќе се постапува, со цел да се воведе ред во начинот на паркирање, користење на паркинг местата и да не се злоупотребуваат.

„Јас претходно кажав дека санкции има, системот е автоматизиран, дека ќе се зачувува и евидентира секој прекршок и непостапување и ќе нема олеснувања за никој и ќе нема ослободување“ – вели Стефановски.

Освен за хаварисани возила санкции ќе има и за неправилно паркирано автомобили, оставени на тротоари и коловози. Целта е полесно да се најде слободно паркинг место во централното градско подрачје.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет