Силекс и Шкендија со убедливи победи против Шкупи и Македонија ЃП

Тетовска Шкендија немаше проблеми да се справи со младиот состав на Македонија ЃП во рамките од денешниот натпревар од 13. коло во ПМФЛ. „Црвено-црните“ на крајот запишаа убедлив триумф со 7:2. Гостинот на овој натпревар играше со многу изменет состав, и со дури девет играчи под 18 години. Единствено интернационалците Еступињан и Кабаркас беа во ростерот од искусните играчи. Во една таква ситуација немаа сила да парираат на далеку поискусниот состав на Шкендија, иако на моменти солидно се носеа со противничките фудбалери. Триумфот на тетовци можеше да биде и поубедлив ако беа искористени уште неколкуте шанси, особено во финишот на мечот.

После првото полувреме, Шкендија имаше солидна предност од 3:1, и со оглед на случувањата на теренот се чини уште тогаш ги имаше обезбедено сите три бодови.

Екипата на Силекс ѝ стави крај на серијата од две кола без победа во Првата македонска фудбалска лига и против Шкупи извојува убедлив триумф со 5:1.

Домашните фудбалери уште од самиот старт на натпреварот наметнаа силно темпо, и гостинската одбрана капитулираше уште во седмата минута, кога Алиќ стрелаше за водство на Силекс од 1:0. Мигел Пиреш, во десеттата минута по една контра погоди за 2:0. Овој резултат беше активен до 35. минута, во која одбраната на чаирчани одново беше немоќна, а убедливи 3:0 за домаќинот донесе Алиќ. Мартин Мирчевски погоди во 39. минута, за убедливи 4:0.

Во вториот дел, по една грешка на одбраната, Рибеиро го совлада Џеков и намали на 4:1. Сепак, Мирчевски со нов гол, овој пат од дистанца, ја врати позитивата на кратовци од четири гола (5:1).