
Нов висок пораз претрпеа кошаркарките на Патриот, кој на домашен терен во Делчево беа декласирани од фаворитот Бадел со резултат од 45:100.
Натпревар во кој доминираа гостите и без воопшто мака забележаа висока победа, а тимот на Патриот го забележа четвртиот пораз од толку натпревари.
Шампионот Баскет Кам од Македонска Каменица забележа триумф над Спорт Тим од Неготино со резултат од 68:47. Крива Паланка на домашен терен беше убедлива над Вардар откако мечот го доби со 94:63.
Четвртото коло донесе уште една убедлива победа, во Кавадарци екипата на Пробаскет го доби составот на МЗТ Скопје со 95:70.
Во однос на табелата на врвот со максимални осум бодови е шампионот Баскет Кам, а по седум бодови имаат екипите на Крива Паланка, Бадел, Пробаскет и Вардар. Екипите на МЗТ Скопје, Спорт Тим и Патриот имаат по четири бодови.
Во следнот коло Баскет Кам ќе гостува кај Вардар, Пробаскет ќе биде домаќин на Крива Паланка, Бадел ќе се соочи со МЗТ Скопје, а пак Спорт Тим и Патриот ќе се соочат меѓусебно за прв позитивен резултат.
Александар Ванев, М-Нет