
Утре ќе бидат одиграни натпреварите од претпоследното 32. коло на Првата македонска фудбалска лига.
Во рамки на претпоследната рунда во Кратово ќе се соочат екипите на Силекс и Пелистер. Екипата на Силекс која обезбеди излез во Европа и ќе игра во квалификациите на Конференциската лига сезоната ја завршува на второто место, а пак Пелистер ја исполни својата цел да обезбеди директен опстанок и да биде во средината од табелата.
Шкупи на домашен терен ќе игра против Тиквеш, домашниот состав ќе сака триумф после поразот од Струмица во претходното коло, а пак Тиквеш кој веќе обезбеди опстанок во елитата оди по нова победа на Чаир.
Струга Трим Лум на домашен терен ќе ја пречека Брера Струмица во меч каде и двете екипи ќе атакуваат на трите бодови, додека пак во Скопје ќе се игра дерби на Работнички против Вардар.
„Романтичарите“ зад себе имаат успешна сезона пласирајќи се на третото место и со тоа обезбедија излез во Европа, односно ќе играат во квалификациите на Конференциската лига.
Познати се и судиите кои ќе ја делат правдата на натпреварите. Фатмир Бафто ќе им суди на Шкупи и Тиквеш, Бењамин Ќерими на Работнички и Вардар, Стојанче Трпчевски ќе ја дели правдата на мечот меѓу Струга Трим Лум и Брера Струмица, а пак Доне Ристовски ќе биде главен судија во Кратово каде ќе се соочат Силекс и Пелистер.
Слободни екипи во претпоследното коло се Беса и Шкендија.
Александар Ванев, М-Нет