Сестрите Лашкоски нови засилувања на ЖРК Вардар – иднината во црвено-црно

Женскиот ракометен клуб Вардар продолжува со јасна стратегија на подмладување и градење на иднината, откако по вчерашното прво засилување, денеска во својот ростер впиша уште две нови имиња – близначките Ања и Мила Лашкоски.

Двете млади ракометарки пристигнуваат од Металург Автокоманда и важат за едни од најперспективните играчи од својата генерација. Иако имаат само 17 години, сестрите Лашкоски веќе се репрезентативки и дел од младинските селекции на Македонија, а во иднина ќе бидат важен дел од сениорската и кадетската екипа на Вардар.

Ања Лашкоски, која настапува на позицијата лево крило, зад себе има учества на кадетско и младинско Европско првенство, каде што се истакна со зрелост, борбеност и сигурна реализација. На едно од натпреварите беше прогласена и за МВП против Романија, а дополнителен квалитет ѝ е и одличното изведување на седмерци, како и играта во двата правци.

Нејзината сестра Мила Лашкоски настапува на позицијата пикер, што на стручниот штаб на Вардар ќе му донесе повеќе тактички опции и поголема длабочина во ростерот. И таа е дел од младинските репрезентативни селекции и се смета за ракометарка со значителен потенцијал за понатамошен развој.

Со ангажманот на сестрите Лашкоски и претходната промоција на Беровиќ, Вардар практично концентрира значаен дел од кадетската репрезентација на Македонија во својот состав, што јасно ја покажува визијата на клубот за долгорочен успех.

Црвено-црните добиваат младост, енергија и перспектива, а на Ања и Мила им претстои важен чекор во кариерата – чекор во дресот на Вардар.