„Сериозна држава со празен фрижидер и нов авион“, вели СДСМ

„Третата економија во Европа нема за плата, има за авион. Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кажа што е приоритет на оваа власт: мора да имаме владин авион ако сакаме да бидеме сериозна држава. Идејата не е повлечена. Не е пропадната. Само е одложена. Парите се оставени. Купувањето чека“, велат од СДСМ.

„Сериозна држава, според нив, не се мери со чешма, со болница и со плата. Се мери со нов авион. Мицкоски сега сака нов авион. Затоа што шест седишта од 2024 им се тесни. Затоа што седиштето 11Д повторно ја отвори темата. Затоа што со саат од 65.000 евра не оди половен авион. Оди нов. И затоа што Вучиќ има нов, а Мицкоски не може на екскурзија да се срами со помал и постар.

Минималната плата нека почека. Потрошувачката кошница нека почека. Дизелот од 100 денари нека почека. Земјоделецот со срамни 40 денари за пиперка нека почека. Анализите за водата во Гостивар нека почекаат. ПЕТ-скенерот нека почека.

Авионот не може да чека. Тоа се најбрзо растечките плати. Тоа е најповолната кошница. Тоа е трета економија во Европа. Колената ги болеле од клечење, па сега мора летаат. За ЕУ, велат, за инвеститори (а инвестициите намалени за повеќе од 60%), за да не се губи време на редовни линии.

Време имаа за одмор додека Гостивар се труеше. Време немаат да седат во економска класа. Сериозна држава прво ја објавува водата и ја обезбедува за сите граѓани, ја плаќа минималната плата од 600 евра, го поправа ПЕЅ скенерот и не слави додека 5.000 луѓе биле во болница.

Прво луксуз за нив, потоа изговори за граѓаните. Пари за авион има. За живот нема. Тоа е целата програма“, се наведува во соопштениетп на СДСМ.

Текстот „Сериозна држава со празен фрижидер и нов авион“, вели СДСМ е превземен од МАКФАКС.