Се рушат објектите стари половина век на булеварот Партизанска во Штип

Започна рушењето на објектите кои се наоѓаат на трасата на булеварот „Партизанска“ во Штип. Објектите кои датираат од пред половина век се рушат со цел да продолжи изградбата на булеварот Партизанска, со нов кружен тек и подобрување на патната инфраструктура во градот. Десет семејства кои беа сместени овде ќе добијат типски куќи со што ќе го решат своето станбено прашање.

„Постигнавме договор со жителите на овие објекти кои датираат повеќе од 50 години. Истите ќе бидат срушени, станарите ќе добија типски куќи. Повеќе од десет семејства ќе бидат сместени во типските куќи. Овде продолжуваме со активностите и очекуваме до крајот на летото согласно динамиката на оваа локација каде сега се наоѓаме да има еден прекрасен кружен тек и поврзување на булеварот Партизанска меѓу населбите Осми Ноември, Сењак 4 и населбата Баби.“ – вели Јорданов.

Типските куќи кои се во завршна фаза сместени во населбата Света Недела ќе бидат целосно завршени во наредните неколку дена и ќе бидат ставени во функција. Во меѓувреме семејствата се сместени привремено кај роднини и пријатели, а на располагање е и студентскиот дом во центарот на градот.

„Поголем процент од станарите се сместија кај нивни роднини, кај пријатели затоа што типските куќи интезивно се работат. Во прашање се денови кога истите ќе бидат ставени во функција. Еден мал дел се сместени во приватен објект кој ние го мониторираме, така да верувајте многу брзо типските објекти ќе бидат ставени во функција“ – вели Јорданов.

Булеварот Парртизанска започна да се прави изминатиот период, но активностите беа прекинати заради обие објекти. Со отстранувањето на истите ќе продолжи реконструкцијата, ќе се изгради нов кружен тек и ќе се постави 20 метарски крст.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет