Полни сместувачки капацитети и угостителски објекти – заврши „Д Фестивал“, кој е бенефитот за Штип?

Три дена музика, забава, илјадници посетители од државата и странство – заврши Д фестивал кој за првпат оваа година се реализираше во Штип. Полните сместувачки капацитети во градот, како и зголемената работа на сите угостителски објекти потврдува дека со ваквите настани се работи на поддржување на локалната економија. Како што истакна градоначалникот, Иван Јорданов, ваквите манифестации ќе продолжат и во иднина со што огромен бенефит ќе има и градот.

„Го привлековме вниманието на јавноста во Македонија, но и надвор од нашите граници. Ова е клучно за да се генерира локален економски развој. Во изминатите неколку денови Штип беше центар на Макеоднија од повеќе аспекти. Верувам дека така и ќе продолжиме, се она што се организира е во насока на поддршка на културата, уметноста, но и на локалната економија. Илјадници гости од страна престојуваа во Штип, сите сместувачки капацитети беа закупени, сите угостителски објекти функционираа и на крај имаше одлична забава на реномираниот Д Фестивал“ – вели Јорданов.

Тестот е положен, а Штип уште еднаш се покажа како добар домаќин овој пат на Д Фестивал, додаде Јорданов. Добрата организација и одличната програма привлекоа голем број посетители кои беа дел од овогодинешното издание на Д Фестивал.

“Штип во овие три изминати денови го положи тестот, покажавме и докажавме уште еднаш дека сме добри домаќини. Илјадници посетители престојуваа во нашиот град, се забавуваа, уживаа во композициите, во уметноста, така и ќе продолжиме“ – додава Јорданов.

Д фестивал за првпат годинава се одржа во Штип и беше од хуманитарен карактер однонсо собраните средства ќе бидат наменети за повредените од пожарот од дискотеката Пулс во Кочани.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет