Се повеќе се вжештува ситуацијата после смртта на 41 годишната жена на Инфективното одделение во Штип

Смртта на 41 годишната жена на Инфективното одделени во Клиничката болница во Штип, секојдневно ја крева јавноста на нозе. Обвинувања, барање за оставки, јавни навреди и клевети се суровата реалност која не демне деновиве. Денеска на прес излегоа од ВМРО ДПМНЕ, со ново обвинување за директорот на Клиничката болница Штип, д-р. Ален Георгијев, и барање сам да ја сноси одговорноста бидејќи истата вечер тој самиот бил на дежурство на одделението каде починала пациентката. Пресот не заврши со обвинувања само од едната страна. Директорот на Клиничката болница Штип, д-р. Ален Георгијев излезе со барање за јавно извинување од Иван Јорданов до целиот медицински персонал кој неуморно работи, да се справи со корона пандемијата.
„Злоупотребувајќи ја трагедијата на починатата пациентка, најдрско собирате евтини политички поени на грбот на нивната несреќа. Но, отидовте и чекор подалеку, исмевајќи го мојот изнуден ангажман за дежурање на инфективно, најбезобразно ме поврзавте мене со смртта на пациентката и ставајќи се во улога на судија барате одговорност од мене. Јас тврдам со полна кривична морална и материјална одговорност дека пациентката починала 5 часа пред моето доаѓање на дежурство! Барам да ми се извини јавно на мене за овие лажни обвинувања.“- стоеше во изјавата на д-р. Ален.

Лаура Стојанова М-Нет