
Кучињата скитници проблем за граѓаните во Општина Кочани. Во централното градско подрачје велат ги има се повеќе оставени на улица, со што под знак прашалник се става безбедноста на пешаците, децата и минувачите. Анкетираните граѓани велат дека кучиња скитници се носат од страна, ама децидни се дека и граѓаните своите миленици ги оставаат на улица па на тој начин расте бројот на бездомни кучиња по улиците во градот.
„Во градот има многу кучиња скитници, затоа што донасат од страна кучиња. Ама и луѓето се тотално неодговорни спрема животните. Окучило се кучето, не е расно, однесат ги малите кученца кај стадионот. Не е проблемот во кучињата, проблемот е во нас луѓето. Кучето не се раѓа лошо, кучето се прави лошо.“ – велат граѓаните.
И додека од една страна се почесто има кучиња скитници по улиците, од друга страна велат надлежните не преземаат никакви мерки. Децидни се дека на овој проблем во Кочани треба да се работи повеќе.
Од КЈП “Водовод” Кочани истакнаа дека на ден 10.10.2023 година склучиле договор за јавна набавка за шинтерски услуги со фирма од Виница. По истиот договор се реализирани неколку редовни и неколку вонредни акции за заловувања на кучиња скитници и во тие акции се заловени повеќе од 20 кучиња скитници.
„За одбележување е дека при заловувањето има зачестена појава на заловени кучиња кои се веќе чипирани и имаат сопственик. За истите е постапено согласно Законот за комуналните дејности и е известен комунален инспектор по што ќе бидат поведени соодветни прекршочни постапки за сопствениците.
КЈП “Водовод” Кочани апелира до сопствениците на кучиња да се грижат соодветно за истите и да не ги оставаат на јавни површини, бидејќи при заловување на такво куче, трошоците за негов третман ќе бидат фактурирани на сопственикот и за истиот ќе биде поведена соодветна прекршочна постапка.“ – стоу во одговорот од КЈП Водовод Кочани.
Од таму велат дека не располагаме со информации кои укажуваат за донесени кучиња скитници од други општини и оставени на територија на Општина Кочани.
Лаура Стојанова М-Нет