
Евтината тарифа на струјата се враќа од 1 декември, најави претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски. Посочи дека во ова ново време еден од најдобрите начини е да купуваме електрична енергија кога е најевтина, а во текот на денот била двапати пониска отколку цената на електричната енергија во периодот по 19 часот.
„Од први декември се враќа евтината тарифа во периодот од 13 до 15 часот. Тоа е максимум што можевме да го направиме и очекуваме во наредниот период да започне промената на броилата. Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, ја воведуваме заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија во овој период осум месеца наназад е пониска, дури и пониска од цената на електричната енергија по 24 часот. Со ова даваме сигнал и на ЕСМ и на ЕВН Хоум набавките на електирична енергија во текот на денот да ги интензивираат“, вели Бислимоски.
Бислимоски уверува и дека граѓаните ќе плаќаат пониски цени за струја. Цената е намалена во првиот и вториот блок, а зголемена за нешто повеќе од 2% во третиот и четвртиот блок. Според Бислимоски, намалена е и цената која се плаќала за мрежарина, а која во изминатите месеци беше повисока и од цената на струјата.
„Вкупната цена на електрична енергија во првиот блок со вкалкулирања енергија и вкалкулирана мрежарина се намалува за 7,04%. Вкупната цена на електрична енергија во вториот блок со вкалкулирана енергија и мрежарина се намалува за 4,09%. Цената на електричната енергија во третиот блок се зголемува за 2,54% и во четвртиот број за 2,42%“, додава Бислимоски.
Се обиделе да го амортизираат и зголемувањето на ДДВ-то за струјата од 18%, додава Бислимоски. Вели дека истото ќе влијае над 7% и дека кај едно просечно домаќинство намалувањето на цената на струјата без ДДВ е 4,36%, а влијанието заради ДДВ-то е 2,5%.
Ребека Спасова М-Нет