Се зголемува бројот на странски ракометари во машката Суперлига од сезона 2025/2026

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Важна, но и голема промена во машката ракометна Суперлига за новата сезона 2025/2026.

По предлог од страна на клубовите од машката Суперлига на конференцијата на клубови одржана на ден 18 јуни годинава, управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија донесе одлука со која во сезона 2025/2026 бројот на странски ракометари на натпревар во завршниот дел од сезоната (плеј-оф и плеј-аут) во домашното првенство може да биде девет ракометари.

Од вкупната бројка на странски ракометари право на настап имаат шест ракометари кои што имаат настап за својата национална репрезентација во било која селекција односно сениорска, младинска или кадетска.

Од вкупната бројка на странски ракометари три ракометари да можат да настапат без ограничување од претходната точка по слободен избор на клубовите.

Новата сезона во Суперлигата треба да започне во првата недела од месец септември, а бројот на екипи останува ист односно ќе се натпреваруваат 12 екипи. По комплетирањето на регуларниот дел, првите шест екипи ќе играат во плеј-офот каде ќе се борат за титула и излез во Европа, додека пак последни шест ќе разигруваат во плеј-аутот за опстанок.

Како што претходно информиравме, промени во Суперлигата ќе има и во делот на бодовите, односно освоените бодови во регуларниот дел во целост ќе се пренесуваат во плеј-офот односно плеј-аутот, без притоа да да се пренесува три, два, еден или нула бодови како што беше досега.

Александар Ванев, М-Нет