
Со долги ноќни смени и работа што не запира за ниту една смена, остануваат малкумината медицински сестри во КБ Штип, кои во последниот период се бројат на рака. Токму на Меѓународниот ден на медицинските сестри и техничари, тие велат дека секојдневно се соочуваат со се поголем недостиг од кадар и зголемен товар во работата, кој тешко се издржува. Како што вели претседателот на здружението на мед.сестри, техниќари и акушерки во Штип Билјана Рогожарска, неопходно е донесување закон и формирање комора на медицинските сестри, со што би се вовело лиценцирање и поголема заштита на професијата. Само во последниот период, постарите колешки заминале во пензија, а младите сè поретко остануваат да работат во болницата. Во такви услови, од КБ Штип бараат поголема поддршка и системски решенија за стабилизирање на кадарот.
,,Сестрата треба да си го заслужи своето место во ова општество, онака како што и треба. Со донесување на законот и со формирање на комора на сестрите, сестрите би биле лиценцирани што за жал сега не се. Со самото лиценцирање, би се контролирал и квалитетот и дозволите за работа, тоа е насекаде во земјите воведено, само ние тапкаме во место. Би добиле и поголема правна заштита и би го заштитиле достоинството на сестрите. Се соочуваме со голем недостаток на медицински сестри, одливот годините напред е евидентен, продолжува тој тренд и понатаму, многу жално што младите сестри кои излегуваат и се наш кадар од нашите училишта не остануваат овде, а затоа ни е потребна помош од министерството и од фондот за здравство, како и министерството за финансии, за да оваа работа се побутне и протурка и да има поголеми вработувања, затоа што евидентно е само во последната недела заминаа пет сестри во пензии, а да не зборуваме за месеците напред.“ , вели Рогожарска
Рогожарска од болницата потенцираше дека, медицинските сестри колку и да даваат се од себе, неможат да ја постигнат целата работа. Апелираат до надлежните да го разгледат проблемот и да им помогнат со вработувања.
,,Нашите сестри се малобројни и сите треба да разбереме дека и тие се обични луѓе, како и сите други и дека колку и да сакаат да дадат се од себе, доаѓа момент кога и тие се преуморни, едноставно ни треба вработувања. Тоа е нашиот апел до раководството и министерот.“, додава Рогожарска
Истовремено, во тек е и огласот за 23 работни места во болницата, а многу скоро ќе бидат објавени уште две нови позиции. Меѓу нив се предвидени вработувања на медицински сестри, акушерки, стоматолог и физиотерапевти. Ќе се ангажира и помошен медицински персонал, меѓу кои хигиеничари и болничари, со цел да се зајакне функционирањето на болницата и да се олесни работата на постоечкиот кадар.
Иван Митев, М-Нет