СДСМ: Образованието во Штип пропаѓа; Јорданов: Одговорно решаваме наследени проблеми

Со доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ и Јорданов на власт, образованието се турка во пропаст, истакнаа денес на прес-конференција од ОО на СДСМ Штип. Како што велат од таму, недостиг на часови, скратени часови поради неможност од одржување на редовна настава, како и изостанок на часови повеќе од десет дена во ОУ „Славејко Арсов“, се само дел од тековните проблеми во секторот образование. Најновиот проблем, пак, е во средното медицинско училиште.

„Имено, поради алчност и неодговорност, средношколците и наставниот кадар од средното медицинско училиште „Јане Сандански“ повторно се во своите домови и реализираат настава онлајн. Крајно неодговорно и незрело е да се санира парно систем на само десет дена откако започна учебната година. До вчера ВМРО ДПМНЕ беа најголемите заговарачи против онлајн настава, но сега брзопотезно прибегнуваат кон овој концепт на настава. Го прашуваме Јорданов: Дали три месеца распуст, додека училниците беа празни, а наставниот кадар одмораше, не беа искористени за санација само затоа што не успеале да договорат тендер? И дали поради оваа ситуација треба да трпат средношколците и наставниот кадар, кои покрај теоретската, ќе ја загубат и практичната настава?“, додаваат од ОО СДСМ Штип.

На прашањата, пак, од Кабинетот на градоначалникот велат дека станува збор за проблем за кој што претходната власт немала слух. Како што стои во писмениот одговор, сега одговорната локална власт обезбедува решение.

„Сериозните обвинувања со кои СДС ја замајува јавноста, не се ништо освен уште еден обид за сокривање на неспособноста на нивната врхушка.

Проблемот со парното не е нов, туку наследен! А тоа што централната и претходната локална власт немале слух за вакви сериозни недостатоци во образовните институции е уште еден доказ колку власта се грижи за образованието. Реалноста денес е дека како одговорна локална власт, за само неколку месеци обезбедивме средства и соодветно решение, со кое не само во ова, туку во сите средни училишта ќе решиме децениски проблеми!“ – стои во писмениот одговор од Кабинетот на градоначалникот.

Ребека Спасова М-Нет