СДСМ обвини дека Владата неодговорно постапува со состојбата со водата за пиење во Гостивар, по објавата на министерот за здравство Сашо Клековски дека официјалните резултати од анализата на водата ќе бидат познати до 20 август.
„Како тогаш можеше да се тврди дека водата е технички исправна, ако анализите сè уште не се готови?“, прашуваат од СДСМ, оценувајќи дека Владата се обидува политички да ја претстави состојбата.
Од партијата потсетуваат и на изјавите на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за хиперхлорирањето на водата, како и на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој јавно потврди присуство на опасна бактерија.
СДСМ тврди и дека состојбата ја погодила и гостиварската болница, од каде, како што наведуваат, пациенти се префрлаат во Тетово, а обвинуваат и за недоволен број медицински кадар.
„Ова повеќе не е неспособност, туку свесно труење и целосно немање одговорност“, стои во партиското соопштение.
Текстот СДСМ: Анализата на водата во Гостивар ќе се чека до 20 август, власта си игра со здравјето на граѓаните е превземен од МАКФАКС.