
Африканската свинска чума е болест која и минатата година го покоси Источниот Регион и поради која за две години се еутанизирани повеќе од 12 и пол илјади грла. Дел од нив заразени свињи, но други се нештетно уништени само како превентивна мерка за да се спречи ширењето на заразата. Универзитетскиот професор Димитри Наков вели дека во последниов период жариштето на болеста е повторно делчевско-пехчевскиот регион, но ние мора да сме свесни дека тоа постојано ќе ни се повторува.
„Тоа е заради самата природа на болеста, начинот на ширење, начинот на пренесување, меѓутоа и фактот што вирусот којшто ја предизвикува африканската свинска чума е многу отпорен во надворешна средина, особено во екскретите во заболените животни, а, секако, тука мора да се напомене и популацијата на диви свињи коишто се главен резервоар и преносител на вирусот. Токму поради тоа ни се случува ова брановидно повторување на болеста во истите региони“, вели Наков.
И да се почитуваат сите мерки, вели Наков, нема можност 100% да се заштитат животните од заразната болест. Големите фарми, според него, ги почитуваат сте биосигурносни мерки, зашто тоа е еден заокружен процес на производство, но пораст на свеста има и кај малите традиционални фарми, кои претходно не биле запознати со мерките, а веќе самите прашуваат и ги спроведуваат.
„Сто посто е радикација, не постои во ниту една заразна болест, па така и во африканската свинска чума како заразна болест. Меѓутоа, со подигнување на нивото на биосигурносните мерки, тоа значи дека треба да се ограничи влегувањето на други луѓе во фармата, да се направат бариери, да се спречи слободно движење на животни. Сите тие елементи ако се запазат, може да се намали пренесувањето на вирусот“, вели Наков.
Свињарското производство кај нас е многу важна гранка и поради тоа, додава професорот Наков, ние мора да се навикнеме да ја одржуваме оваа гранка додека егзистира африканската свинска чума.
„Треба да бидеме свесни, можеби и во наредните 30 години ќе опстојува африканската свинска чума, меѓутоа ние мора да го уредиме свињарското производство на начин што фармите ќе функционираат беспрекорно, иако во околината на фармите ќе бидат присутни диви свињи или ќе циркулира вирусот, ама, секако, тоа не треба да нѐ обесхрабрува, туку да нѐ воведе во еден систем каде што ќе имаме успешно свињарско производство во услови кога егзистира африканската свинска чума“, додава Наков.
Вчера од Асоцијацијата на земјоделци посочија оти веќе имаме недостаток на месо и тоа е особено поради појавата на болеста во најголемата фарма во овој регион. Фармите се чистат за да се обноват, велат од таму, ама тоа оди многу бавно и тешко.
Ребека Спасова М-Нет