Без претседатели остануваат судовите во Делчево и Берово, ниту еден кандидат на огласот

Нема пријавени кандидати за претседатели на Основните судови во Берово и Делчево, па Судскиот совет ќе прави нов избор. Судскиот совет распиша оглас за претседатели на Вишиот Управен суд во Скопје и Основните судови во Берово, Делчево, Кавадарци, Крушево и Струга. Сепак, за Скопје, Берово, Делчево и Крушево не се пријави ниту еден кандидат.

Во Основните судови во Кавадарци и Струга, пак, по само еден кандидат. При разгледување на извештајот на Комисијата за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседатели, одлучено е постапката да продолжи постапката за единствените пријавени кандидати, Лазар Нанев и Вултен Винца, кои доставиле уредна документација.

На денешната 472 седница Советот утврди престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија за судијката Снежана Георгиевска Зекирија, судија на Врховен суд, и одлучи времено да ја упати судијката Теодора Ефтимовска Бојковска од Основен суд Гостивар во Основен суд Тетово на една година.

На судијката Софија Спасова-Медарска од Основниот граѓански суд во Скопје не ѝ беше уважено барањето за мирување на судиска функција, бидејќи е избрана за вршење на друга функција, односно член на Државна комисија за спречување на корупција.

Од денешната седница беа повлечени точките за анализа за потребните судиски места во Управниот суд и основните судови на апелационите подрачја во Скопје, Гостивар, Битола и Штип, како и одлуката на Управен суд за судијата Зоран Теофиловски.

Ребека Спасова М-Нет