
Со земјоделска механизација светиниколските пензионери во времетраење од еден час го блокираа патот кој води кон клучката за автопатот Свети Николе – Скопје и Куманово. Главното барање и понатаму останува линеарно покачување на сите пензионери во висина од 3.500 денари. Трајче Стаменов, еден од пензионерите, вели дека целта на блокирањето на патот е да го свртат вниманието на надлежните институции.
„За да видат сите надлежни, пред сѐ Министерството, Владата, Здружението на пензионери дека ова што сме го сите побарале да се покачи линерано пензијата на сите пензионери од 3.500 денари го изразуваме на ваков начин, бидејќи досега не наидовме на разбирање. Ние не сакаме 6 посто туку бараме 3.500 денари и во тоа нема да отстапиме“, вели Стаменов.
Во однос на формираната работна група од страна на Министерството за труд и социјална политика, Стаменов вели дека треба да има членови и од пензионерите кои го бараат покачувањето.
„Па треба да влезат од овие луѓе коишто се пензионери и коишто го бараат ова линерано покачување во таа работна група. Не може нивна група да се формира и на тој начин да се донесуваат одлуки, тоа не е ферски прво“, додава Стаменов.
Пензионерите потсетија на високите трошоци за живот и тоа дека не можат да врзат крај со крај. Посочија дека и ова што го бараат не е многу, ама е доволно барем засега.
„Народе од Македонија, пензионери, пензионерки, работници, сите што ве чека истата судбина, излезете, соберете се заедно за да си ги добиеме нашите права“, вели Благој Цветков.
„Малку е тоа, уште ногу ни треба. Ние бараме само малку, 3.500 покачување, не бараме ни многу“, вели Милка Јованчева.
„Тоа е илузија, како доволен, не може луѓето да излезат на крај со тоа“, вели Миле Тралев, наставник во пензија.
Светиниколските пензионери денеска добија поддршка и од земјоделците и нивните здруженија, а посочија дека наредната среда ќе го блокираат патот кој води кон клучката на автопатот Свети Николе – Штип.
Ребека Спасова М-Нет