
Димитар Рунчев, планинар, спортист и долгогодишен член на ДПС „Лисец“ има потреба од финансиска помош. Поради дијагностициран тумор, има потреба од итна операција во странство за која се потребни повеќе од 60.000 евра. Друштвото „Лисец“ ќе организира и повеќе настани со цел собирање на потребната сума, а ги повикаа сите кои се во можност да ги следат и да донираат.
„Нашиот долгогодишен член Димитар Рунчев има потреба од итна операција. Се работи за редок вид на карцином и таа операција треба да се изврши во Германија, а чини околу 65.000 евра. ДПС Лисец организира наоѓање на средства, така што имаме повеќе активности. Ќе организираме спортски настани, хуманитарна театарска претстава, исто така ги повикуваме сите граѓани на општина Штип и на цела Македонија доколку се во можност, да донираат за овој наш голем пријател“, истакна Милорад Ангелов од ДПС Лисец.
Засега објавена е само жиро-сметка на која може да се помогне за Димитар, а во текот на денот ќе бидат објавени и телефонски броеви. Дополнително ќе се постават и хуманитарни кутии во градот.
„Сега е поставена жиро-сметката на нашата „фејсбук-страница“, на ДПС Лисец, но во текот на денот ги чекаме броевите на операторите и ќе бидат ставени за да може да донираат по пат на телефонските броеви. Да, да, секако ќе има поставено хуманитарни кутии на неколку места во градот каде што граѓаните ќе имаат можност да донираат свои средства за помош на нашиот планинар“, додава Ангелов.
Во објавата на социјалните мрежи, ДПС „Лисец“ апелира да смогнеме сили и заеднички да помогнеме за Димитар повторно да ја доживее радоста на планините.
Ребека Спасова М-Нет