
Стартуваше новата сезона во Втората македонска фудбалска лига, а првото коло донесе погодоци на сите натпревари, освен во Штип каде Брегалница и Кожуф одиграа 0:0 за поделба на бодовите.
Дербито на Истокот беше во Македонска Каменица каде Саса и Осогово ремизираа во меч со два погодоци за конечни 1:1 и поделба на бодовите. Скопје со минимални 1:0 го доби тимот на Слога Виница, кој е повратник во лигата.
Екипата на Детонит Плачковица предводена од штипскиот тренер Горан Здравков имаше одлично отварање на сезоната откако со убедливи 0:4 го декласираше новиот второлигаш Големо Коњари.
Новаци со триумф започна во новата сезона откако со 2:0 ја доби Победа, а пак Охрид и Беласица во дербито на колото одиграа 1:1 и ги поделија бодовите.
Преспа со висок пораз од 0:3 ја започна сезоната откако загуби од Шкендија Арачиново во меч на два лански третолигаши.
Екипата на Вардар Неготино со 2:1 славеше домашна победа над повратникот Тетекс од Тетово.
Во однос на табелата и нема многу простор за анализи. Детонит Плачковица е прв со три бодови, а толку имаат Шкендија Арачиново, Новаци, Скопје и Вардар Неготино. По еден бод имаат Беласица, Осогово, Брегланица, Охрид, Кожуф и Каменица Саса.
Без бодови се екипите на Тетекс, Слога Виница, Победа, Преспа и Големо Коњари кој е на дното поради најлошата гол-разлика по првите 90 минути од новата сезона во Втората лига.
Следниот викенд на програмата ќе бидат натпреварите од втората рунда.
Александар Ванев, М-Нет