Пукната носна коска на еден од нападнатите фудбалери во Штип!

Во текот на вчерашниот ден на натпервар од првото коло од помладата пионерска супер лига за фудбалери од генрации 2009/2010 се случи голем инцидент, откако при резултат од 2:1, кога Брегалница постигна гол за водство против Шкупи, група родители на гостински играчите ги нападнале фудбалерите на Брегалница.

Еден од повредените фудбалери се здобил со пукнатина на носна коска, потврдуваат од клиничката болница во Штип.

„Во врска со вчерашниот настан во Клиничка болница -Штип се донесени двајца малолетни пациенти. По направените испитувања во стабилна и вонживотна опасност двајцата пациенти се пуштени на домашно лекување. Во Клиничка болница -Штип од страна на дежурниот доктор кај пациентите констатирани телесни повреди а еден од нив  се здобил и со пукнатина на носна коска“, се вели во соопштението од Кличниката болница во Штип.

Од СВР Штип истакнаа дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави, а од слобода бил лишен 43-годишниот А.А. од Скопје, родител на фудбалер од ФК Шкупи.

„На 24.08.2025 во СВР Штип било пријавено дека околу 11:40 часот на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на првенствен фудбалски натпревар помеѓу екипи на помлади пионери на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош. Во врска со настанот во СВР Штип, во присуство на родители и претставник на Центар за социјални работи Штип,  бил извршен службен разговор и со двајца малолетници од Скопје, фудбалери на екипата на ФК „Шкупи“. Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави“, се вели во соопштението од СВР Штип.

Фудбалската фудбалската на Македонија веднаш се огласи со соопштение и најостро го осуди овој инцидент, а против ФК Шкупи ќе биде покрената дицсиплинска постапка.

„Ваквото однесување е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери. Особено загрижува што едно од децата претрпе сериозни повреди, скршеници, како последица од нападот. ФФМ најавува дека надлежните органи ќе поведат дисциплинска постапка и ќе преземат соодветни мерки за сторителите на инцидентот. Ќе биде покрената дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, со цел вакво недолично и опасно однесување никогаш повеќе да не се повтори“, се вели во соопштението на ФФМ.

Натпреварот меѓу Брегалница и Шкупи се играше на теренот со вештачка трева Бело Брдо во Штип.

Александар Ванев, М-Нет