
Поголем дел од развојните програми не поминаа на Советот на Општина Кочани поради теснопартиски интереси, рече денес на прес-конференција Мустафа Сандов, вработен во Локалната самоуправа и активист во невладиниот сектор. Една од нив, според него, е и предлог-програмата за изградба на објекти за домување на лица од социјален ризик, кои се предвидени во близина на Старата касарна. Како најголем негативец го посочи советникот Аки Акиов.
„На минатата седница засегнати од теснопартиски и лични интереси не успеаја да препознаат важни проекти. Јас не можам така лежерно да го прифатам ова. Во овој контекст, господинот Аки Акиов, како коалиционен партнер на СДС дискутираше во негативна конотација за овој проект, па дури и ќе реагирал кај министерот да се повлечат парите за овој проект“, истакна Мустафа Сандов, вработен во ЛК и граѓански активист.
Сандов посочи дека од проектот се прави театар цели четири години и посочи дека треба да се праша претходниот градоначалник зошто парите за изградбата на социјалните бараки ги чувал на наменска сметка цели три години.
„Наместо да ги кочат процесите нека прават ургенции и притисоци во ресорното министерство со цел да поминат потребните согласности за усвојување на ДУП за градска четврт број 5 и како таква да се усвои. Дури тогаш ќе се создадат услови за отпочнување на овој проект, но и за многу други кои се од витално значење за овој дел од градот“, додава Сандов.
Инаку, изградбата на овие објекти е планирано да биде на парцела со површина од 9113 м2 лоцирана од десната страна на патот пред Фабриката за вода. Со реализацијата на овој проект треба да се создадат пристојни услови за живеење на лицата од социјален ризик кои живеат во Старата касарна, а за истиот се обезбедени 16.000.000 денари, средства од Владата.
Ребека Спасова М-Нет