Јапонскиот амбасадор во Свети Николе – увид на резултатите од донираното амбулантско возило

Санитетскотото возило – донација од Јапонија и Јапонската амбасада за Здравствениот дом во Свети Николе веќе една година успешно ги опслужува пациентите. Според директорката, Славица Панова, со возилото во текот на изминатата година се транспортирани една половина од вкупниот број транспортирани пациенти, а за време на транспортите немало смртен исход поради опременоста на возилото и нивната подготвеност.

„Дозволете ми од мое име, од името на нашите граѓани да искажам огромна благодарност за вас и народот на Јапонија за донацијата на санитетското возило. Во текот на изминатата година со ваквото возило се направени 126 транспорта на пациенти во животозагрозувачка состојба до универзитетските клиники и болниците во Скопје, Штип и Велес“, истакна д-р Славица Панова, директорка на Здравствен дом – Свети Николе.

Амбасадорот на Јапонија го истакна задоволството од соработката со земјава и општината и стремежот за продолжување на таа соработка, како во секторот здравство, така и во други сектори. Истакна дека Јапонија е поддржувач на Македонија во социјалниот и економскиот развој, особено во рамки на иницијативата Западен Балкан.

„Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ за да има подобри здравствени услуги. Тоа го правиме преку јапонската Програма за мали грантови, што е еден од столбовите на нашата соработка“, истакна амбасадорот, Хиронини Савада.

Досега преку ГГП програмата на Јапонската амбасада се финансирани над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од три милиони евра во медицинска опрема, реновирање клиники и возила за прва помош. Преку истата програма во земјава се реализирани вкупно 170 проекта во вредност од 8,5 милиони евра.

Ребека Спасова М-Нет