Сè повеќе ученици во стручно образование, СОУ „Коле Нехтенин“ домаќин на регионална средба

Учење едни од други и споделување на успешни приказни беше целта на денешната регионална средба чиј домаќин беше СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип. Со практичната настава се опфатени ученици од трета и четврта година, кои во текот на учебната година еден ден одеа на практична настава во одредена компанија, каде теоретски наученото го применувале практично. Директорката Шалева посочува дека резултатите допрва ќе се видат, а учениците со работа ќе продолжат и во летниот период.

„Тоа е во рамките на оној концепт на Министерството за образование и наука со којшто се дава голем акцент на учењето преку работа кај работодавач, односно спојување на теоретските со практични знаења, нешто што го движи нашето општество напред и што е иднина на нашето образование. Позитивните примери од сето ова ќе ги видиме допрва, бидејќи ова е прва година кога нашите ученици ја реализираат практичната настава правилно. Во текот на летниот период ќе продолжиме со филијална практика во истите фирми. Некој од нив веќе добиваат понуда за платена работа преку летниот период, од догодина ќе започнеме со дуалното образование“, истакна Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.

Според директорот на Центарот за стручно образование, процентот на ученици во стручното образование се зголемува од година во година. Ваквите работилници, според него, се една од причините, бидејќи се работи на популаризација на спојот теоретско и практично.

„Во 2021/2022 година имаше само 64%, а сега 2022/2023 имаме 69% од учениците кои се запишани во средни училишта, што значи еден голем број и бројот на ученици расте од година во година. Тоа е благодарение на фирмите, на кампањата од МОН, Стопанските комори и сите образовни институции“, вели директорот на Центарот за стручно образование, Шериф Мифтари.

Во проектот е вклучена и австриската Агенција, од каде регионалната коориднаторка посочува дека во однос на овој проект соработката трае пет години. Акцентот е спојување на училиштата и бизнис секторот, а се спроведува и во Албанија и Косово.

„Во Австрија стручното оспособување и образование претставува многу важен избор за младите. Повеќе од 70% од младите во Австрија се вклучени во стручното оспособување и образование, што е процент, како што видов денес, блиску до процентот на вклученост во Македонија“, истакна Магдалена Коминчини, регионален координатор на австриската Агенција за национализација.

Учесниците кои на работилницата ги споделија своите успешни приказни, имаа можноста да посетат и две компании и со тоа на терен да ја увидат важноста од практичната работа.

Ребека Спасова М-Нет