
Студентите на штипскиот Универзитет денеска се запознаа со Пандорината кутија на фолклористиката преточена преку предавањето на професорката Јоана Ренкас од Полска. Таа како голем познавач на јужнословенски фолклор, а со тоа и на македонскиот фолклор, јазик и култура посочи дека и по 20-годишно искуство сѐ уште има што да истражува за фолкорот, а особено тоа дали треба да се користи англискиот збор фолклор или, пак, словенското значење на терминот кое е поинакво. Досегашните истражувања им ги претстави на студентите.
„Врз основа на мојата 20-годишна пракса сакам да покажам како јас ги ги разбирам тие два термина и можам да кажам дека за мене фолклор е сѐ. Секоја група има свој фолклор, секоја група создава свој фолклор и сакам тој да ни биде поблизок. Да не мислиме како на нешто што е старинско, старо, заостанато, туку на нешто што е апсолутно современо, што се случува сега и што е многу актуелно“, вели Ренкас.
Македонскиот фолклор го проучува од 2009 година. Македонија, според неа, е земјата на фолколор и за целосно негово разбирање е потребно да се проучи токму македонскиот фолклор.
„По потекло сум од едно мало село во Полска и, можеби, поради таа причина многу го сакам фолклорот. Кога почнав со студирање, мојот прв интерес беше српски и хрватски фолклор, бидејќи јас имам завршено српска и хрватска филологија, меѓутоа кога почнав подлабоко да го проучувам фолклорот и кога дојдов првпат во Македонија, тоа беше 2009 година, разбрав дека земја на фолклорот е Македонија. Ако сакам да го разберам фолклорот, ако сакам да излезам од таа Пандорина кутија на фолклористиката, значи, треба да го проучувам македонскиот фолклор, односно фолклорот кој настанува, живее тука на територијата на Македонија“, додава Ренкас.
Професорката Ренкас досега соработувала со Институтот за фолклор и Институтот за полска филологија во Скопје, како и Институтот за старословенска култура во Прилеп, но е првпат на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Ребека Спасова М-Нет