Родителите од Кочани ќе маршираат утре во Струмица, ќе биде откриено спомен-обележје во чест на Џоко Ѓоргиев и жртвите од трагедијата

Утре во Струмица ќе биде отворено спомен-обележје во чест на Џоко Ѓоргиев, кој животот го загуби на 16 март минатата година во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во негова чест и во спомен на 64-те жртви ќе се одржи и Марш на сеќавањето.

Маршот ќе започне во 17 часот и 30 минути од булеварот „Гоце Делчев“, а ќе заврши во Градскиот парк, кај Домот на АРМ. Во 19 часот ќе започне главниот настан, со музичка програма и свечено отворање на спомен-обележјето.

Спомен-обележјето ќе остане како место на кое ќе се чува сеќавањето на Џоко и на сите жртви. Место кое ќе потсетува на нивните животи, нивните семејства и на трагедијата во која ги загубија своите животи.

Родителите на загинатите ги повикуваат сите граѓани да се придружат на Маршот на сеќавањето и заеднички да чекорат во нивна чест и спомен. Повикуваат на заедничко присуство, почит и сеќавање на 64-те животи кои прерано згаснаа.

Инаку, трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година. Во пожарот животот го загубија 64 лица, додека повеќе од 200 беа повредени. Повредените беа пренесени на лекување во болници во земјава и во странство, а дел од нив и понатаму се лекуваат од последиците.

Во меѓувреме, во тек е судскиот процес за пожарот во „Пулс“. Судењето продолжува, а семејствата на загинатите и јавноста очекуваат да се утврди одговорноста за еден од најтрагичните настани.

За семејствата, споменот на нивните најблиски останува засекогаш.

Иван Митев, М-Нет