
Македонскиот суперлигаш Радовиш ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната, со цел да ја поправи својата форма и да обезбеди опстанок во Суперлигата.
„Од денеска стартуваме за новиот дел каде е утврден планот за тренинзи, ќе се тренира двапати дневно, значи така ќе биде до 22. јануари, потоа ќе следуваат пријателски натпревари, пред се задас е избруси формата на екипата, да се подготват самите играчи. Со реновирање на спортската сала како што гледаме да се подобро условите пред се за тренинг, каде и ние како тренери заедно со управата и играчите ќе бараме подобри резултати и се надевам дека на крајот ќе ја оствариме нашата цел опстанок во лигата“, вели еден од тренерите на клубот, Спасе Ѓоргиев.
Тимот се раздели со неколку, меѓу кои Иванче Ончев, Филип Талески, Роберт Миланов, Виктор Марковиќ, Марко Стојанов и Јован Ѓоргиев. Сепак, клубот веќе обезбеди нови засилувања кои ќе го подобрат квалитетот на играта. Либанскиот голман Хусеин Сакр, тунискиот лев бек Хамза Фалах, египетскиот десен бек Калид Махмуд и кружниот напаѓач Томче Трајчевски, кој доаѓа од тимот на Прилеп, а не се исклучува можност за уште едно до две засилувања.
„За подигање на квалитетот во самата екипа мора да има засилување, тоа е факт, така функционираат сите екипи. Јас можам да кажам дека во екипата на РК Радовиш моментално има седум играчи кои потекнуваат од Радовиш и кои дел од нив се носители на самата игра. Тука е капителот Постолов, десното крило Филип Трајанов, пикерот Ристе Атанасов, голманот Александар Ристов, Костадин Ѓеоргиев. Единствено можам да кажам дека овде не е Јован Ѓоргиев, на мене ми е жал што не е со нас, меѓутоа поради неговите работни обврски тој не е во можност да биде доволно ангажиран на тренинг и на натпреварите“, вели тренерто Ѓоргиев.
Радовиш го заврши првиот дел од сезоната на последното место со само еден бод и без победа, клубот сега влегува во пролетниот дел со нова енергија. За Радовиш, најважен приоритет е опстанокот во Суперлигата, а контролни средби ќе помогнат да се темпираат силите пред продолжението на сезоната.
„Доворено се моментално два пријателски натпревари кои ќе бидат во периодот од 25. јануари до 28. јануари, работиме на тоа да договориме уште најмалку четири до пет пријателски натпревари. Што мислам дека ќе ни биде потребно повеќе пријателски затоа што ни е потребно воигрување на екипата со оглед на тоа дека имаме доста нови играчи на кои ќе им се потребни натпревари за да постигнеме едно ниво на играта кое ние како тренери го посакуваме каде сите ќе го дадат својот максимум и ќе ја одиграат својата улога која ние ќе им ја доделиме“, завршува Ѓоргиев.
Пролетниот дел Радовиш го отвара против Тиквеш во Кавадарци.
Александар Ванев, М-Нет