РК Вардар со Иван Чупиќ ги започна подготовките, старт на подготовките означи и РК Прилеп под водство на Наум Танески

ФОТО: РК Вардар

Двократниот европски првак Вардар ги почна подготовките за новата сезона во ракометната Суперлига со новиот стратег Иван Чупиќ. На првиот тренинг имаше дел од ракометарите кои почнаа со работа со кондициониот тренер, а другите треба да ги минат задолжителни медицински прегледи.

Како што информираат од клубот сите ракометари на кои Вардар ќе смета сезонанава се во Скопје, а во следните денови ќе се завршат сите прегледи, а потоа од понеделник почнуваат и тренинзите во сала.

По комплетирањето на тој процес Вардар замнува на висински подготовки,а до крајот на месецот треба да се одиграа и неколку контролни натпревари, а ќе се земе учество и на турнири.

Вардар ќе игра и во Супер Купот, кој е закажан за 3 септември, а каде ќе се игра истиот ќе биде познато во следниот период.

Старт на подготовките за новата сезона означи и Прилеп под водство на новиот шеф на стручниот штаб Наум Танески.

Нови имања во тимот на Прилеп се десниот бек Сандро Дарсанија од Грузија, потоа десниот бек Божидар Лековиќ од Црна Гора, Димитар Димитриоски кој се враќа од Шпанија во македонскиот ракомет, а прилепчани соработката ја продолжија со Владо Кастратовиќ, Иван Ангелески, Денис Шабановиќ, Александар Тренчевски, Марио Столески и Томислав Квастек.

Клубот се раздели со три играчи кои нема да го носат дресот во новата сезона, а тоа е Никола Цветаноски, Левани Имадзе и Ангелче Органџиев.

Клубот ќе ја темпира формата за новата сезона преку неколку контролни натпревари, а ќе настапи и на Меѓународниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп кој се игра во период од 21 до 24 август.

Новата сезона во Суперлигата започнува на 6 септември.

Александар Ванев, М-Нет