
Тренерот на одбојкарскиот клуб Штип УГД во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија истакна дека ланското финале од Купот на Македонија против Струмица имало поголема тежина, додека пак оваа финале кое се играше во Радовиш било потешко.
„Ако би кажал кое има поголема тежина ланското имаше поголема тежина, ако би кажал кое беше потешко би рекол ова финале, иако резултатот беше таков како што беше 3-0 за нас. Минатата година некако како да ни беше судбината предодредена за тоа финале, некако коцките ни се поклопуваат цело време, се беше во наша корист. Го добивме како што го добивме, знаеме како беше сетоа тоа, ова година беше пред се притисокот врз нас, поради тоа што имавме обврска да го одбраниме бевме нели освојувачи од претходната година. Тоа ствараше некои притисок кој што успеавме на некој начин да го направиме од негативен во позитивен притисок и од таа причина кажувам дека беше потешко да оваа година се освои“, рече Ристески во Трибина на М Нет.
Ристески вели дека секогаш било потешко да се стигне до финале, бидејќи како што вели во истото нема што да се загуби. Во полуфиналето Штип УГД триумфираше на Работнички и така обезбеди влез во финалето каде ја доби Струмица.
„Јас секогаш кажувам и најавувам дека секогаш е потешко да стигне до тоа финале, финалето нема што да загубиш нема што да тактизираш, можеш само да добиеш, да ги воочиш сите страни сите позитивни и негативни и можеш само да добиеш, ништо не можеш да изгубиш, единствено натпреварот. За тоа викам кога градите ваков тим ваква екипа кога ги имате амбициите многу е потешко да стигне до било кое финале отколку да го играше самото финале, така што го имам истото мислење од минатата сезона и оваа, ете финалето изгледаше едноставно и лесно меѓутоа воопшто не беше така“, додава Ристески.
Тренерот на штипскиот клуб е задоволен од самата организација од Куп завршницата која се играше во Радовиш, од публиката и самата атмосфера во салата „25 Мај“.
„Јас во моите изјави најавив дека не очекувам некоја поддршка од страна на трибините, меѓутоа дозволил да се изненадам и тоа и се случи и јас се изненадив, со тоа што имаше доста поддржувачи за нас, салата беше преполна, атмосферата беше неверојатна. Во однос на салата на подготовката на салата беше скоцкано би рекол изгледаше феноменално и од страна на општина Радовиш условите кои ги нуди преку салата, организацијата, безбедноста на високо ниво, и од страна на ОФМ како се потрудија оваа година да изгледа сетоа тоа. Беше една убава завршница, едно Куп финале како што се следи и следиме на овие балкански простори“, истакна Ристески.
Во големото финале екипата на Штип УГД со 3-0 во сетови ја совлада Струмица и така стигна до одбрана на Куп титулата, која е втора во витрините на клубот од Штип.
Александар Ванев, М-Нет