Рекорден број пријавени ученици во СОУ „Коле Нехтенин“ Штип во првиот уписен рок

Рекорден број пријавени ученици за прва година во средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип. Само во првиот уписен рок пријавени се 226 ученика, а слободни беа 252 места. Директорката, Јованка Шалева посочи дека е задоволна од бројот на пријавени ученици кои своето образование ќе го продолажат кај нив, додавајќи дека има уште дваесетина слободни места за вториот уписен рок.

„Со задоволство можам да кажам дека во споредба со претходните години во СОУ Коле Нехтенин Штип за 252 места се пријавиле рекорден број од 226 ученика. Во овој момент директно се запишани 175 ученика“ – вели Шалева.

Во штипската гимназија се пријавиле околу сто ученика, но овде директорката, Весна Ристова, вели дека станува збор за ученици кои постигнале одличен успех во нивното основно образование. 80 ученика ги исполнуваат условите и прва година средно од 1 септември ќе започнат во СОУ „Славчо Стојменски“.

„Од вкупно пријавени околу сто ученика, 12 ученика немаат доволен број на поени, а со доволен број на поени има 80 ученика. Задоволни сме од успехот на учениците со кој дојдоа во нашето училиште. Бројот не е потполнет има и втор уписен рок и ги очекуваме основците“ – вели Ристова.

Слободни места за вториот уписен рок кој е на 1 и 2 јули има и во текстилното средно училиште. Таму учениците имаат можност да бираат дали ќе запишат четиригодишно или тригодишно образование.

„Во СОУ „Димитар Мирасчиев“ има останато слободни места во неколку профили.“ – вели Варадиновска.

Само 33 слободни места за вториот уписен рок има во штипското медицинско училиште, и тоа во неколку профили. Во првиот уписен рок пријавени се над 160 ученици и најголем дел од нив ги исполнуваат условите и се запишани во прва година.

„Во СОУ „Јане Сандански“ Штип вкупно беа пријавени 161 ученик, распоредени по сите образовани профили, а во моментот примени се 154 ученика кои ги исполнуваат условите. За второто пријавување имаме слободни 33 места. “ – вели Николиќ.

Вториот уписен рок е во понеделник и вторник на 1 и 2 јули, со што идните средношколци ќе може да ги достават електронски потребните документи. Оваа година согласно првиот уписен рок најголема заинтересираност има за упис во СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет