Револт во Косевица, жители не можат да ја исечат опожарената шума од своите имоти, Национални шуми тврдат дека треба физичка делба

Револтирани жители од Косевица се жалат дека не можат да добијат дозвола за сеча на опожарени шумски парцели, кои тврдат дека се нивни. Како што раскажуваат, од нив се бара физичка делба и разни дополнителни процедури, иако, според нивните искази, имаат скици за парцелите. Тврдат дека некои други луѓе полесно ги завршуваат ваквите постапки и без големи пречки добиваат дозволи за сеча. Бараат од надлежните да им објаснат зошто не можат да добијат одобрение и велат дека сакаат еднаков третман за сите.

,,Ете јас имам на пример заедно со моите братучеди 50 декари опож

арена шума. Документи не ми даваат. Ми бараат физичка делба, уште што не. А тие господата таму од Делчево моќниците во Македонија што се, тие можат да сечат како што сакаат и да носат исто. Како може он да направи физичка делба. Тие луге јас ги знам кои се, парцелите ги имаа до мене. Во Германија се. Нивните парцели ги исекоа со помош на нивни роднини овде. Ниту му треба потпис, ниту ништо, а на мене ми бараат физичка делба, еве колку имаме горе 50 декара. Имаме и скици и се, велат не може вели, ќе го земе шумското. Значи и шумското игра голема улога тука. Една гранка не дава да пресечеш.“, вели

По поплаките од жителите на Косевица, М-Нет телевизија побара став од ЈП „Национални шуми“ Делчево. Оттаму велат, дека станува збор за парцели, кои се во сопственост на повеќе лица и имоти кои немаат физичка делба.

,, Станува збор за парцели, кои се во сопственост на повеќе лица. За жал, дел од нив се починати, дел се меѓусебно скарани, а дел веќе во странство. Нивното барање не можеме да го примиме без физичка делба. Истовремено, истакнуваме дека лицата кои ги наведуваат како ,,моќници“ и вршат сеча на опожарената шума во ова место, ја имаат комплетната документација и сечата ја вршат според законските правила.“, соопштуваат од Национални шуми Делчево за М-Нет телевизија

Од надлежните институции и натаму апелираат до сите оние кои што сакаат да извршат сеча на опожарената шума, да не вршат сечење без документација. Постапките за сеча на шума, како што велат се спроведуваат согласно законските прописи, при што е потребно претходно уредување на имотните односи, односно физичка делба на парцелите.

Иван Митев, М-Нет