Ракометот се шири во источниот дел од Македонија, некаде по првпат, некаде се реактивираат клубови

ФОТО: Александар Ванев

Ракометот во источниот дел од Македонија се шири, со тоа што веќе во неколку гради има активирање на ракометни клубови, тоа што го анализиравме во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија пред неколку месеци пополека дава резултат со формирање на нови ракометни клубови или реактивирање на клубови кои повторно ќе се натпреваруваат.

Првата ракометна лига ќе брои 14 екипи, а како што претходно информиравме дебитат ќе биде тимот на РК Саса Сокол од Македонска Каменица. По низата успешни спортски приказни од малото рударско гратче сега и ракометот е застапен во овој град со што се отвара можност за младите да бираат и да се насочат кон ракометот.

Исто така РК Делчево се реактивира и по пауза од една година ќе биде дел од Пионерската женска лига на Ракометната федерација на Македонија, клубот ќе се натпреварува во две категории, девојки родени 2012 и помлади и девојки родени 2014 и помлади.

На Истокот актуелни ракометни клубови има во Штип – РК Астибо во женска конкуренција и РК Текстилец во машка конкуренција, исто така и во Свети Николе ГРК Овче Поле и ЖРК Овче Поле СУ. Во Радовиш постојат два клубови РК Радовиш и новоформираниот РК Феникс кој ќе работи и во општина Конче, со што за првпат и оваа рурална општина ќе има ракомет.

Во Кочани ракомет нема, како и во Виница, Берово, Пехчево, Пробиштип и Кратово, а ракомет од оваа година ќе има во Македонска Каменица, а овој спорт се врати и во Делчево.

Александар Ванев, М-Нет