
Ракометниот клуб Делчево по една година пауза се враќа, клубот повторно ќе биде дел од Пионерската женска лига при Ракометната федерација на Македонија.
Во сезона 2026/2027 клубот ќе се натпреварува во две категории, девојки родени 2012 и помлади и девојки родени 2014 и помлади.
Подготовките ќе започнат на 17 август (понеделник), првиот дел од подготовките ќе се реализираат на отворено на терените на планината Голак, каде ќе се работи на физичка подготвеност и тимски дух. Од 1 септември тимот ќе се пресели на работа во сала, а ќе бидат одиграни и неколку контролни средби.
„Пред нас е нов почеток, нова приказна и генерација која со својата посветеност, талент и желба за работа ветува многу. Веруваме дека ова е една од најквалитетните генерации што досега го носела дресот на РК Делчево“, велат од клубот.
Првиот официјален тест ќе биде Меѓународниот меморијален турнир „Андреа Ампова 2026“, а од клубот посочуваат дека нивната цел е јасна – со многу работа, дисциплина и заедништво повторно да го вратат Делчево на ракометната мапа и да создадат генерација на која сите ќе бидат горди.
Александар Ванев, М-Нет