
Ракометарите на Текстилец утре патуваат во Гостивар, каде во рамки на 10. коло на Првата лига ќе се соочат со екипата на Јехона.
Ова ќе биде дуел од средишниот дел на табелата бидејќи гостиварскиот тим е на седмата позиција со осум бодови и два последователни порази и ќе бара победа над штипјани, кои пак се на петтото место со десет бодови.
Сигурно е дека ќе биде неизвесен и израмнет натпревар, домашниот терен и поддршката од верната публика ќе биде предност за Јехона, а пак за штипјани предност е тоа што имаат нешто подобра форма.
Како податок интересно е тоа што двете екипи ги имаат најдобрите стрелци во своите редови. Адис Салиу на осум мечеви постигна 71 гол за Јехона и со тоа е најдобар стрелец во лигата, а пак Јован Атанасовски за Текстилец постигна 66 гола на осум мечеви.
Според гол разликата Текстилец во подобра ситуација со поефикасен напад кој реализирал 254 погодоци, а одбраната примила 235 погодоци, што пак кај Јехона е обратно послаб напад со постигнати 230 погодоци и полоша одбрана која примила 256 погодоци.
Натпреварот меѓу Јехона и Текстилец се игра во спортската сала „Младост“ во Гостивар со почеток од 17 часот, а правда на мечот ќе делат Александар Шуковски од Ресен и Иван Илиевски од Битола, додека пак делегат на средбата ќе биде Васил Зипевски од Гостивар.
Утре ќе се одиграат уште неколку натпревари. Мулти Есенс на домашен терен како апсолутен фаворит ќе игра против Партизан, Овче Поле на домашен терен ќе има израмнет дуел со Аеродром, а пак „фенерџијата“ Кичево ќе бара триумф против Шампион.
Вечерва се игра мечот меѓу Македонија ЃП и Преспа од Ресен, а пак дербито на колото е во Богданци, каде ќе се соочат Младост и Драчево, две екипи кои претендираат за влез во Суперлигата.
Александар Ванев, М-Нет