
Ракометарите на Текстилец УГД се најпријатното изненадување во Првата ракометна лига со четири победи од толку натпревари, но во недела ќе следува дерби дуел против сериозен противник – Вардар Неготино гостува во Штип.
Мечот од 5. коло е многу важен и клучен и за двете екипи. Текстилец со победа ќе го сочува првото место, а гостинот од Неготино не смее да погреши на патот кон остварување на целта – влез во Супер лигата.
Минатат сезона сите планови на Вардар Неготино за враќање во Супер лигата се „распандаа“ токму во Штип, кога тимот загуби и го промени тренерот, а потоа излезе од „шините“ за елитен ракомет.
По четири кола Вардар Неготино има две победи, едно реми и еден порази со пет бодови е на шестото место и од таа причина кај нив притисокот е голем.
Од Текстилец посочуваат дека пред нив е тежок и сериозен предизвик против Вардар Неготино, очекуваат цврст и борбен натпревар во кој ќе мора да бидат максимално фокусирани и да го дадат најдоброто од себе од првата до последната минута. Од клубот надополнуваат дека играат на домашен терен и им е потребна поддршка повеќе од кога било, ги повикуваат сите навивачи и љубители на ракометот да дојдат во голем број и да ја наполнат трибината на салата „Тошо Арсов“ во Штип.
Натпреварот се игра во недела од 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет