
Вардар го доби големото ракометно дерби со шампионот Еурофарм Пелистер во Скопје со 31:28 во меч од 5. коло на Суперлигата.
Натпревар полн со неизвесност, каде домашниот тим имаше постојана предност од почеток на мечот. Во вториот дел Еурофарм Пелистер стигна до 20:20, но потоа Вардар одново изгради предност која ја одржуваше до конечните 31:28.
Боно, Малус и Тузолана беа најдобри стрелци кај Вардар со по шест погодоци, а кај Еурофарм Пелистер се истакна Дејан Манасков со девет реализации од 12 обиди.
Охрид доминираше на мечот со Тиквеш и го декласираше за нови бодови, откако „гладијаторите“ беа подобри со 24:19, со многу лошо прво полувреме за гостинот од Кавадарци.
Бутел стигна до домашен и тоа многу важен триумф од 36:29 над Еурофарм Пелистер 2, а пак Пролет на домашен терен го доби Куманово со 24:22, па овие две екипи кои ќе водат битка за место во плеј-офот ќе се соочат во следното коло во меѓусебен дуел, а нивните победи е токму најава за нивното соочување.
Алкалоид во целост го декласираше Прилеп на домашен терен откако тимот на Кирил Лазаров беше убедлив си 47:21 во Автокоманда, а прилепчани претрпеа тежок пораз.
Во дербито за први бодови екипата на Струга беше подобра од Радовиш со 27:24, со што стружани стигнаа до први бодови, а пак Радовиш останува на дното како единствен тим кој нема освоено бодови и по пет одиграни кола во Суперлигата.
Најдобар за Струга беше Наум Костов кој од десет обиди постигна седум гола во мрежата на радовишани, а пак Петар Ферукоски имаше шест реализации.
За екипата на Радовиш најдобар стрелец беше Здравко Постолов со осум погодоци, а по четири погодоци имаа Мартин Димов и Бобан Каковски.
Вардар е на врвот од табелата со максимални десет бодови, Алкалоид и Бутел го делат второто место со по осум бодови, шампионот Еурофарм Пелистер и Охрид го делат четвртото место со по седум бодови.
Пролет е шести со шест бодови, потоа следува Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп со по четири бодови за делба на седмата позиција, Тиквеш е деветти со два бодови, а толку имаат и Куманово и Струга, а на дното е Радовиш без бодови.
Александар Ванев, М-Нет