Над 18.200 сообраќајни прекршоци само во месец септември, најмногу за брзо возење и неправилно паркирање

18.247 сообраќајни прекршоци регистрирани само во месец септември, најмногу за брзо возење и неправилно паркирање. Ова е резултатот од засилените контроли што ги спроведе полицијата на патиштата низ целата држава. Во истиот период, приведени се и 106 лица поради безобзирно управување на возило, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Меѓу нив, најголем дел – 71 лице – управувале под дејство на алкохол, 13 возеле со преголема брзина во населено место, 20 надвор од населени места,

Контролите откриле и голем број други прекршоци. Речиси 4.000 санкции се изречени за неправилно паркирање, 1.901 лице управувале возило без возачка дозвола, а 461 возач бил затекнат зад воланот под дејство на алкохол. Меѓу казнетите има и 786 мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем, 258 пешаци кои ги прекршиле правилата за движење, како и 10 возачи на електрични тротинети. Дополнително, изречени се 919 казни за некористење на појас.

Полицијата исклучила од сообраќај и 388 нерегистрирани возила и 104 технички неисправни. Забележани се и прекршоци кои се однесуваат на недозволено затемнување на стакла – санкционирани се 144 возачи поради поставување фолии над дозволеното, а 64 поради користење неовластени светлосни и звучни сигнали, таканаречени „флешери“.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не ја потценуваат својата одговорност зад воланот и заеднички да придонесат за побезбедни патишта.

Иван Митев, М-Нет