
Работнички стигна до втората победа во низа откако го совлада Шкупи со 3-0 на Арената “Тодор Проески” во Скопје. Квалитетот беше на страната на тимот од Дебар Маало кој заслужено ги освои трите бода.
Во осмата минута Работнички ја имаше првата шанса. Сухељ Мухарем шутираше откосо од левата страна, но не беше доволно прецизен.
Во 34.минута се закани и Шкупи преку Фисник Љамалари во противнапад, шутирајќи во добро поставениот Петар Јакимов.
Работнички поведе во 37.минута. Манојлов во соло пробив надмудри неколку противнички фудбалери и со прецизен удар ја затресе мрежата на Шкупи за 1-0.
Џејсон Езеб имаше убава шанса за втор погодок, но Мелиќи излезе како победник во 43.минута, а во продолжение од акцијата Сухељ Мухарем шутираше, но одбраната на Шкупи спаси на гол-линијата.
Во вториот дел Работнички имаше неколку можности кои не донесоа ефект, се до 78.минута, кога Сухељ Мухарем погоди за 2-0. Зија Мерџани продре по левата страна, уфрли во петерецот, а Мухарем реализираше.
Три минути подоцна уште една добра акција на Работнички која во гол ја претвори Матеј Ангелов.(ФФМ)