
Дербито на колото во Првата македонска лига, одиграно денеска во Струга меѓу Струга Трим Лум и Вардар заврши без победник, 1:1.
Во првото полувреме двете екипи имаа по неколку закани, но Вардар прв успеа да ја искористи посериозната можност. Во 13. минута, По одлично изведен корнер, дефанзивецот Матиќ најдобро се снајде во шеснаесетникот и со прецизен удар ја затресе мрежата. Тоа беше единствениот погодок во првиот дел, па „црвено-црните“ на пауза заминаа со минимална предност.
Во второто полувреме иницијативата ја презеде Струга, додека Вардар се повлече и се обидуваше да ја сочува предноста. Домаќините притисокот го крунисаа околу десет минути пред крајот, повторно по прекин. По изведен слободен удар, во мешаницата најприсебен беше Малески, кој ја испрати топката во мрежата за конечни 1:1.
До крајот, Вардар имаше одлична шанса за ново водство преку Босанчиќ, но неговиот удар во финишот од натпреварот заврши во стативата.На крајот, Вардар останува непоразен на првото место, а по 20 одиграни средби „црвени-црните“ имаат 52 бода на врвот на табелата. Струга е трета со 43, но Шкендија (втора со 45 бода) и Силекс (на четврто место со 35 бода) имаат натпревар помалку.Утре на програмата се преостанатите средби од 20 коло, при што Арсими ја пречекува Македонија ЃП, а Тиквеш е домаќин на Силекс. (ФФМ)